DRÄXLMAIER со поддршка за учениците од СОУ „Киро Спанџов – Брко“

27. ноември 2024 Компанијата овозможи свој придонес за модернизација на соблекувалните во спортската сала на училиштето

DRÄXLMAIER ја поддржа реконструкцијата на соблекувалните во целосно реновираната спортска сала во рамки на средното општинско училиште „Киро Спанџов – Брко“ од Кавадарци со чие партнерство компанијата го спроведува моделот на дуално стручно образование. Оваа донација е дел од тековната посветеност на DRÄXLMAIER за поддршка на образовните институции и подобрување на ученичките капацитети.

Со модернизацијата на соблекувалните на учениците ќе им се овозможи удобен и функционален простор за да се подготват за нивните спортски активности. Реконструкцијата опфати комплетна санација на ѕидните површини со поставување на нови плочки, целосна реконструкција на таванските површини со поставување соодветна изолација како и промена на столаријата, така што се поставени нови клупи и шкафчиња.

„Драго ни е што го продолжуваме нашето партнерство со СОУ „Киро Спанџов – Брко“ и што имаме можност да придонесеме за подобрување на условите за одржување на часовите по спорт и развој во спортската сала во рамки на училиштето. Доброто образование подразбира и академски и физички развој и ние сме посветени да ги поддржиме двата аспекта“, изјавија од менаџментот на DRÄXLMAIER Македонија.

Комплетно реконструираната спортска сала е веќе ставена во употреба, а учениците се среќни што ќе спортуваат во нови и модернизирани услови.

Директорот на СОУ „Киро Спанџов – Брко“, Душко Лазов изрази благодарност до DRÄXLMAIER. „Оваа донација е од големо значење за понатамошниот развој на учениците. Новите соблекувални во голема мера ќе придонесат за подобрување и развој на наставната програма по спорт и ќе им овозможат на нашите ученици да спортуваат во соодветни услови како што заслужуваат. Горди сме на нашата долгогодишна соработка со DRÄXLMAIER и веруваме дека заедно ќе постигнеме уште многу успеси во иднина“, рече Лазов.

Оваа иницијатива го следи претходниот успешен проект на DRÄXLMAIER и СОУ „Киро Спанџов – Брко“, каде што компанијата ја поддржа реконструкцијата на посебна училница за мехатроника која е опремена соодветно, така што учениците ќе можат да ги развиваат своите знаења и вештини од областа на мехатрониката. Преку поддршката за модернизирање на условите во спортската сала, компанијата уште повеќе ја нагласува својата посветеност за унапредување на условите во образованието и развојот на заедницата.

Општи информации

за
DRÄXLMAIER Групацијата

Групацијата DRÄXLMAIER ги снабдува врвните производители на автомобили ширум светот со сложени жичени системи од кабелски сетови, централни електрични и електронски компоненти, ексклузивни ентериери и системи од батерии за електрична мобилност. Комбинацијата од суштинските компетенции на полето на ентериерот, електричните и електронските, како и системите од батерии го прават DRÄXLMAIER уникатен во оваа индустрија. Токму затоа компанијата го покрива целосниот синџир на процесот, од првичната идеја, преку развојниот и производствениот процес, па сè до прецизната испорака на производите во секвенца до линиите за монтажа на врвните производители на автомобили. Творецот на специфичните жичени кабелски сетови изработени по барањата од клиентот, DRÄXLMAIER Групацијата, ја развива пионерската технологија за жичени кабелски сетови, но и за електричните и електронските компоненти, директно и единствено во рамките на организацијата. Производите ги вклучуваат повеќе-напонските и високо-напонските жичени системи од кабелски сетови, системи за управување со батеријата и паметни дистрибутери на струјата. DRÄXLMAIER веќе работи на иднината, која подразбира мобилност без емисија на штетни материи, со своите решенија за ниско-напонски и високо-напонски системи од батерии. Како лидер на пазарот во изработката на комплетен ентериер за премиум автомобилите, DRÄXLMAIER Group ги снабдува познатите производители на автомобили и со решенија за амбиентално осветлување, централни конзоли, облоги за врати и инструмент табли, како и со целосни модули за врати и кокпит модули. DRÄXLMAIER Групацијата e меѓународен добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 60 фабрики во преку 20 земји. Основана во 1958 година, со главно седиште во Германија, компанијата брои повеќе од 70.000 вработени ширум светот. За DRÄXLMAIER Групацијата, како компанија која е управувана од сопствениците, одговорното и долгорочното размислување секогаш биле основата за економскиот успех. Затоа ваквиот начин на делување е составен елемент од стратегијата на компанијата при создавањето на деловните и производствените процеси и на своите производи на поодржлив начин, кој пак ќе доведе до зголемување на конкурентноста на компанијата на долгорочна основа. Освен тоа, DRÄXLMAIER е истраен во посветеноста да постигне целосно намалување на емисијата на јаглерод диоксид во животната средина до 2050 година.

Во 2023 година обртот на компанијата изнесуваше 5.6 милијарди евра. Клиентите на овој добавувач, кој се вбројува во првите 100 добавувачи од автомобилската индустрија, ги вклучуваат: Audi, BMW, Jaguar, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, Porsche и Volkswagen, како и калифорниските производители на автомобили.