DRӒXLMAIER со поддршка за градинките во регионот

20. октомври 2022 Компанијата обезбеди мебел за детските градинки од Неготино и Градско

40 масички и 160 столчиња наменети за „Темјанушка“ и 30 детски креветчиња за градинката во Градско, кои се поддршка од DRӒXLMAIER, се веќе поставени и го красат амбиентот на воспитувачките простории. Објектот „Темјанушка“ во рамки на детската градинка „Фемо Ќулаков“ од Неготино и клонот „Кокичиња“ кој е дел од детската градинка „Димче Мирчев“ од Велес, оваа учебна година ја започнаа со променет изглед.

Поддршка за подобри услови во воспитно-образовните установи
Со поддршката која компанијата им ја овозможува на воспитно образовните институции, таа станува партнер во воспитно – образовниот процес на начин што придонесува за унапредување на условите за престој на децата во градинките. „Нашата цел е да придонесеме за подобрување на квалитетот на образованието и условите во кои функционираат установите кадешто се згрижени најмалите. Градинките претставуваат втор дом за децата, а ние како свесни граѓани треба да го дадеме нашиот најголем придонес за нив“, рече Лукас Мирингер, генерален директор на DRӒXLMAIER Македонија.


DRӒXLMAIER се потврдува како сигурен партнер на регионот
Директорката на градинката од Неготино, Нада Најдова, како и останатите вработени искажаа срдечна благодарност до DRӒXLMAIER Македонија, бидејќи компанијата повторно и повторно потврдува дека е сигурен партнер на регионот. „Драго ни е што DRӒXLMAIER покажува грижа за градинките како институции каде дечињата го започнуваат воспитно – образовниот процес кој претставува основен темел на нивното понатамошно воспитување и развој како личности и активни чинители на општеството“, рече Најдова. За Даниела Брезева, раководителка на објектот „Кокичиња“ во Градско, донациите од овој тип се особено важни, бидејќи на децата покрај можностите за игра и развивање на психо-моторичките функции, исто така, им е потребен и добар сон кој директно влијае на здравјето и нивната благостостојба.

Во изминатите 10 години од своето основање во земјата, DRӒXLMAIER во неколку наврати до сега, ги поддржа градинките од регионот донирајќи 300 креветчиња со душеци, столчиња, шкафчиња како и дидактичко – едукативни средства кои се особено важни за воспитно образовниот процес.

DRӒXLMAIER следејќи ја својата стратегија за општествена одговорност заедно со своите вработени продолжува да иницира бројни проекти во насока на постигнување највисоки можни вредности за општеството.

Општи информации

за
DRÄXLMAIER Групацијата

Групацијата DRÄXLMAIER ги снабдува врвните производители на автомобили ширум светот со сложени жичени системи од кабелски сетови, централни електрични и електронски компоненти, ексклузивни ентериери и системи од батерии за електрична мобилност. Комбинацијата од суштинските компетенции на полето на ентериерот, електричните и електронските, како и системите од батерии го прават DRÄXLMAIER уникатен во оваа индустрија. Токму затоа компанијата го покрива целосниот синџир на процесот, од првичната идеја, преку развојниот и производствениот процес, па сè до прецизната испорака на производите во секвенца до линиите за монтажа на врвните производители на автомобили. Творецот на специфичните жичени кабелски сетови изработени по барањата од клиентот, DRÄXLMAIER Групацијата, ја развива пионерската технологија за жичени кабелски сетови, но и за електричните и електронските компоненти, директно и единствено во рамките на организацијата. Производите ги вклучуваат повеќе-напонските и високо-напонските жичени системи од кабелски сетови, системи за управување со батеријата и паметни дистрибутери на струјата. DRÄXLMAIER веќе работи на иднината, која подразбира мобилност без емисија на штетни материи, со своите решенија за ниско-напонски и високо-напонски системи од батерии. Како лидер на пазарот во изработката на комплетен ентериер за премиум автомобилите, DRÄXLMAIER Group ги снабдува познатите производители на автомобили и со решенија за амбиентално осветлување, централни конзоли, облоги за врати и инструмент табли, како и со целосни модули за врати и кокпит модули. DRÄXLMAIER Групацијата e меѓународен добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 60 фабрики во преку 20 земји. Основана во 1958 година, со главно седиште во Германија, компанијата брои повеќе од 70.000 вработени ширум светот. За DRÄXLMAIER Групацијата, како компанија која е управувана од сопствениците, одговорното и долгорочното размислување секогаш биле основата за економскиот успех. Затоа ваквиот начин на делување е составен елемент од стратегијата на компанијата при создавањето на деловните и производствените процеси и на своите производи на поодржлив начин, кој пак ќе доведе до зголемување на конкурентноста на компанијата на долгорочна основа. Освен тоа, DRÄXLMAIER е истраен во посветеноста да постигне целосно намалување на емисијата на јаглерод диоксид во животната средина до 2050 година.

Во 2023 година обртот на компанијата изнесуваше 5.6 милијарди евра. Клиентите на овој добавувач, кој се вбројува во првите 100 добавувачи од автомобилската индустрија, ги вклучуваат: Audi, BMW, Jaguar, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, Porsche и Volkswagen, како и калифорниските производители на автомобили.