DRÄXLMAIER со договори за вработување на завршените практиканти според моделот на дуално стручно образование

19. јуни 2024 Сертификати и можност за вработување на дванаесетмина завршени матуранти

DRÄXLMAIER Македонија склучи договори за вработување со дел од практикантите кои успешно ја реализираа практичната настава во рамки на дуалното стручно образование според германски стандарди и тие ќе бидат дел од високостручните тимови на компанијата во Кавадарци.

На сите практиканти им беа доделени и сертификати за успешно завршено дуално стручно образование според германски модел.

„Особено ни е драго затоа што младите луѓе препознаваат сериозни можности за професионален и личен раст и развој во рамки на DRÄXLMAIER. Како семејна компанија, размислуваме и за идните генерации, така што образованието на младите луѓе е особено важно за нас. Вложуваме многу во нашите практиканти, бидејќи нивните вештини и експертиза се основата за нашата иднина“, рече Лукас Мирингер, Генерален директор на DRÄXLMAIER Македонија на заедничкиот собир организиран од страна на компанијата на кој присуствуваа и дел од родителите на учениците, преставници од партнерските училишта како и претставници од менаџерскиот тим на DRÄXLMAIER.

Практичната настава се одвива во специјализираната училница на компанијата под менторство на тренери кои своето знаење и компетенции стекнати преку бројни обуки и тренинзи во странство на соодветен начин им го пренесуваат на идните техничари по индустриска мехатроника.

Практикантот Душко Леов вели дека склучувањето на договорот за вработување во DRÄXLMAIER значи вистинска можност да се движи по скалилата на професионалниот успех и да ги оствари своите кариерни цели. „Имам исклучително позитивен впечаток за целокупното функционирање на компанијата. Тимската работа е на високо ниво, постои позитивна работна атмосфера, а можностите за професионален напредок се големи. Дополнително, ме мотивира можноста за рзмена на знаења и искуства со колегите од останатите DRÄXLMAIER локации ширум светот“, објаснува тој.

Дел од учениците своите понатамошни знаења ќе ги прошируваат на некој од техничките факултети, но се среќни дека основните знаења имале можност да ги стекнат во DRÄXLMAIER. „За време на практичната настава имавме континурана поддршка од страна на тренерите и бевме директно вклучени во производствениот процес. Научивме многу и за корпративната култура во компанијата“, вели Павле Трајков.

DRÄXLMAIER Македонија е лидер во спроведувањето на моделот на дуално стручно образование според германски стандарди. Компанијата и понатаму продолжува да инвестира во образованието на младите луѓе создавајќи стручни кадри, соодветно обучени и подготвени да го дадат својот придонес за потребите на индустријата.

Општи информации

за
DRÄXLMAIER Групацијата

Групацијата DRÄXLMAIER ги снабдува врвните производители на автомобили ширум светот со сложени жичени системи од кабелски сетови, централни електрични и електронски компоненти, ексклузивни ентериери и системи од батерии за електрична мобилност. Комбинацијата од суштинските компетенции на полето на ентериерот, електричните и електронските, како и системите од батерии го прават DRÄXLMAIER уникатен во оваа индустрија. Токму затоа компанијата го покрива целосниот синџир на процесот, од првичната идеја, преку развојниот и производствениот процес, па сè до прецизната испорака на производите во секвенца до линиите за монтажа на врвните производители на автомобили. Творецот на специфичните жичени кабелски сетови изработени по барањата од клиентот, DRÄXLMAIER Групацијата, ја развива пионерската технологија за жичени кабелски сетови, но и за електричните и електронските компоненти, директно и единствено во рамките на организацијата. Производите ги вклучуваат повеќе-напонските и високо-напонските жичени системи од кабелски сетови, системи за управување со батеријата и паметни дистрибутери на струјата. DRÄXLMAIER веќе работи на иднината, која подразбира мобилност без емисија на штетни материи, со своите решенија за ниско-напонски и високо-напонски системи од батерии. Како лидер на пазарот во изработката на комплетен ентериер за премиум автомобилите, DRÄXLMAIER Group ги снабдува познатите производители на автомобили и со решенија за амбиентално осветлување, централни конзоли, облоги за врати и инструмент табли, како и со целосни модули за врати и кокпит модули. DRÄXLMAIER Групацијата e меѓународен добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 60 фабрики во преку 20 земји. Основана во 1958 година, со главно седиште во Германија, компанијата брои повеќе од 70.000 вработени ширум светот. За DRÄXLMAIER Групацијата, како компанија која е управувана од сопствениците, одговорното и долгорочното размислување секогаш биле основата за економскиот успех. Затоа ваквиот начин на делување е составен елемент од стратегијата на компанијата при создавањето на деловните и производствените процеси и на своите производи на поодржлив начин, кој пак ќе доведе до зголемување на конкурентноста на компанијата на долгорочна основа. Освен тоа, DRÄXLMAIER е истраен во посветеноста да постигне целосно намалување на емисијата на јаглерод диоксид во животната средина до 2050 година.

Во 2023 година обртот на компанијата изнесуваше 5.6 милијарди евра. Клиентите на овој добавувач, кој се вбројува во првите 100 добавувачи од автомобилската индустрија, ги вклучуваат: Audi, BMW, Jaguar, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, Porsche и Volkswagen, како и калифорниските производители на автомобили.